Новиот роман на писателот Владимир Јанковски, „Скриени желби, немирни патувања“, деновиве го објави издавачката куќа „Антолог“.
Издавачот вели дека тоа е мозаичен роман во кој основната приказна за четири ликови се вкрстува со приказните на педесетина луѓе од различни географски меридијани. Книгата претставува мешавина од приказни, преплетени и вмрежени меѓу себе, доловени со многу детали, хаику моменти, филмски секвенци и духовни епифании.
„Ова е роман за интеракцијата помеѓу личното и надворешното, начинот на кој атмосферата и ситуациите ги обликуваат нашите внатрешни пејзажи и за потребата да се раскажуваат приказни и да се пронаоѓаат сјајот и лагата во нив“, велат од „Антолог“.