„ПОНЕКОГАШ СЕ ВРАЌААТ“ Е РОМАН ЗА СПОМЕНИТЕ И ОСАМЕНОСТА, ВЕЛИ ДИМИТРИЕ ДУРАЦОВСКИ ЗА НОВОТО ДЕЛО

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

„Понекогаш се враќаат“ е роман за осаменоста, вели писателот и сликар Димитрие Дурацовски, за својата нова книга која беше промовирана на 9 јуни во книжарницата „Литература.мк“. Ова е негов втор роман, втор во последните две години, по „Околу три по полноќ“.

„’Понекогаш се враќаат’“ е роман за спомените и за осаменоста. Влатко Галевски, откако ја прочита книгата, искоментира дека ова е роман за моите ‘Сто години самотија’  и не згреши“, рече Дурацовски, додавајќи дека не сака многу да зборува за своите книги, туку остава читателите да зборуваат за нив.

Делото во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, го претставија промоторката Ангелина Бановиќ-Марковска, уредничката Оливера Ќорвезироска и младиот автор Ненад Јолдески, кои читаа извадоци од книгата. Исечоци од мислите на Дурацовски интерпретираше и Дарко Лешоски.

Промоторката Бановиќ-Марковска истакна дека „Понекогаш се враќаат“ не е класична автобиографија.

Уредничката Ќорвезироска рече дека „Понекогаш се враќаат“ е роман за една куќа и за многуте животи и смрти што минуваат низ неа; за предметите, за собите и за фиоките од кои се прелеваат приказни; за враќањето кон себе, кон корените и кон најдлабоките слоеви на сеќавањето. Тоа е, рече таа,  роман за „калливата, но топла, удобна и сигурна провинција“, за Струга што „наликува на излупен бел бадем“, за самотијата како засолниште и за времето што никогаш не исчезнува целосно.

Дурацовски (1952) е писател и сликар, кој ѝ припаѓа на т.н. петта генерација автори што се појавија на книжевната сцена во 1980-тите години, а истовремено се смета и за предвесник на современиот концептуален ликовен израз во Македонија. Автор е на збирките раскази „Тајна историја“ и „Црни пророци“, како и на наградените романи „Инсомниа“ и „Бледи сенки, далечни гласови“. Двократен добитник е на наградата „Рациново признание“, а носител е и на државната награда „11 Октомври“ за животно дело.