СИНГАПУР, ХЕЛСИНКИ И ЦИРИХ ПРОГЛАСЕНИ ЗА НАЈПАМЕТНИ ГРАДОВИ НА СВЕТОТ

Женева, (Ројтерс)

Сингапур, Хелсинки и Цирих се прогласени за најпаметни градови на светот, според швајцарска студија објавена среде дебатите за иднината на урбано планирање.

Од паметни сообраќајни камери и апликации за делење превоз до надзор на загадувањето и бесплатен безжичен интернет за сите, градовите низ светот се тркаат во усвојувањето на новите технологии, но вистинското прашање е колкава корист од тоа имаат жителите.

„Најпаметните градови на светот не само што усвојуваат нови технологии, туку се трудат тие навистина да ги подобрат животите на нивните жители“, вели Артуро Брис од Меѓународниот институт за управување на развојот, кој го објави индексот на паметните градови.

Годинашното истражување опфати 109 градови и испитуваше какви ефекти има технологијата во шест подрачја: здравје, безбедност, мобилност, активности, можности и управување. Во првите десет уште се најдоа Окленд, Осло, Копенхаген, Женева, Тајпеј, Амстердам и Њујорк.

Експертите велат дека пандемијата на ковид-19 го забрзува преминот кон поинклузивни, позелени и попаметни градови.

„Помалите градови имаат предности. Во случајот на Сингапур, Хелсинки и Цирих, нивната големина им овозможува да ја направат технологијата подостапна за сите граѓани“, додаде Брис.