ХОЛАНЃАНИТЕ МЕЃУ ПОСЛЕДНИТЕ ПОПУШТИЈА ВО ЕВРОПА И КОНЕЧНО ГИ ПРИФАТИЈА МАСКИТЕ

Амстердам, (АФП)

Ретка глетка почна да се појавува во холандските градови: луѓето носат маски.

Од почетокот на пандемијата, либералните Холанѓани одбиваа да воведат строги рестриктивни мерки како нивните европски соседи, но сега кога земјата се соочува со втор бран на зараза, владата направи пресврт во ставовите и почна да им советува на луѓето да носат маска. Премиерот Ханс Руте итно препорача маска да се носи во продавници, кафулиња, музеи и железнички станици.

„Не ми е пријатно, но носам маска зашто не ми се оди во карантин“, вели една 48-годишна жителка на Хаг.

Сепак, носењето маска не е задолжително, освен во јавен превоз.

Холандија досега ѝ се спротивставуваше на пандемијата со таканаречен интелигентен карантин, а Руте тврдеше дека нема научна основа за да им нареди на луѓето да носат маска. Но, владата беше принудена да реагира откако дневната бројка на новозаразени надмина 3.000. Последната препорака што дојде од владата е „маска да се носи секаде каде што не може да се види небото“.

Во Холандија досега има речиси 120.000 заразени и 6.393 починати од ковид-19.