УЛИЧНОТО СЕКОЈДНЕВИЕ СМРЗНАТО ВО ФОТОГРАФИИТЕ НА МАНЧЕВСКИ – ФОТОГАЛЕРИЈА ОД ИЗЛОЖБАТА „ТАМУ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Осумдесет и осум колор фотографии што македонскиот филмски режисер Милчо Манчевски ги создаваше во период од десет години по улиците на Индија, Њујорк, Виетнам, Русија, Македонија, Тајван, Куба, Турција, Црна Гора и Тексас се изложени од синоќа во Музејот на современа уметност (МСУ).

На изложбата, која се отвори под строг протокол за заштита од ковид-19, во бројната публика имаше и уметници, политичари и дипломати, меѓу кои и претседателот Стево Пендаровски и министерката за култура Ирена Стефоска, а беше промовирана и истоимената книга фотографии во издание на „Антолог“.

Манчевски со претседателот Стево Пендаровски и неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска (Фото: К. Попов)

„Ги сликам оние моменти што улицата и луѓето ги нудат. Јас сум тука да им бидам на услуга и да ги артикулирам визуелно. Мигот станува вечност поради уметничката обработка – композицијата, боите, тактилноста… Немам агенда, едноставно го земам фотоапаратот секој ден и шпартам по улиците, каде и да сум во светот. Фотографијата се слика со затворена уста – не мораш ништо да објаснуваш“, вели Манчевски.

„Таму“ го надградува и проширува досегашниот опус на фотографски дела на Манчевски, изложбите „Улица“ и „Пет капки сон“, кои исто така беа изложени во МСУ, а потоа патуваа во Њујорк, Шангај, Москва, Стокхолм, Софија, Италија, Франција, Доминиканска Република, Србија, Грција, Хрватска.

Изложени се 88 колор фотографии (Фото: К. Попов)
Фотографиите се создавани во период од 10 години (Фото: К. Попов)

„Таму“ ги отфрла границите – географските, формалните и други, вели во предговорот на книгата Конор Мекгрејди, ирскиот уметник и критичар и декан на Колеџот за уметност „Бурен“.

Со „Таму“, Манчевски го промовира новиот хаштаг #никропнифотошоп (#nocropnofotoshop), со кој посочува дека неговите фотографски дела не се изменувани во постпродукција, туку се моменти на уличното секојдневие естетизирани во мигот на улов.

„Таму“ ги отфрла границите – географските, формалните и други, вели Конор Мекгрејди во предговорот на книгата (Фото: К. Попов)

Книгата „Таму“ е мултимедијален книжевно-уметнички проект, на кој издавачката куќа „Антолог“ и Манчевски работеа повеќе од две години. Дизајнот на книгата е на Моника Стојчевска, а колор обработката на Александар Петревски и Орце Поповски.

На изложбата беше промовирана и книгата фотографии „Таму“ во издание на „Антолог“ (Фото: К. Попов)

Изложбата е поддржана од Министерството за култура, Град Скопје и од „Алкалоид“.