ТАСМАНСКИТЕ ЃАВОЛИ СЕ ВРАТИЈА ВО АВСТРАЛИЈА 3.000 ГОДИНИ ОТКАКО ИСЧЕЗНАЛЕ

Сиднеј, (АФП)

Тасмански ѓаволи се пуштени во дивина на австралискиот континент 3.000 години откако исчезнале таму, што конзерваторите го опишаа како историски чекор.

Конзерваторската група „Оси арк“ објави дека 26 единки од овој месојаден цицач се ослободени во 400 хектари големо засолниште во Барингтон Топс, северно од Сиднеј. Во наредните две години ќе бидат пуштени уште 40-ина. Претседателот на „Оси арк“ Тим Фолкнер го спореди проектот со успешното враќање на волците во националниот парк Јелоустон во 1990-ите.

„По 16 години работа, што вклучи и воспоставување на најголемата програма за размножување на тасманскиот ѓавол во Австралија, изгледа нереално дека сме ја постигнале целта. Ова е она за што сонувавме. Нашиот најголем домороден предатор е тигрестиот квол, кој има нешто повеќе од еден килограм, така што враќањето на нешто вака огромно е важна работа“, изјави Фолкнер.

Тасманскиот ѓавол може да порасне до осум килограми и лови животни или јаде мрши. Според здравствените власти, тие не се опасни по луѓето или домашните животни, но знаат да се бранат ако се почувствуваат загрозено. Се проценува дека во дивина има помалку од 25.000 тасмански ѓаволи, што е само една шестина од нивната бројка од 1990-ите, кога биле десеткувани од мистериозна смртоносна болест.