БОГАТСТВОТО НА МИЛИЈАРДЕРИТЕ ПОРАСНАЛО ЗА 27% ВО КОРОНАКРИЗАТА И ДОСТИГНАЛО РЕКОРДНИ ВИСОЧИНИ

Женева, (Гардијан)

На милијардерите им оди екстремно добро во пандемијата на коронавирусот, откако нивното и онака огромно богатство пораснало на рекордни 10,2 трилиони (10.000 милијарди) долари.

Извештај на швајцарската банка „УБС“ покажа дека милијардерите го зголемиле своето богатство за повеќе од една четвртина (27,5%) на врвот на кризата од април до јули, во периодот кога милиони луѓе низ светот останале без работа.

„Богатството на милијардерите достигна нови височини, надминувајќи го досегашниот рекорд од 8.900 милијарди долари од крајот на 2017 година“, вели „УБС“.

Ова следува откако Светската банка најави дека екстремната сиромаштија оваа година ќе порасне за првпат во последните две децении како последица на пандемијата.

„На милијардерите им оди екстремно добро за време на коронакризата. Супербогатите профитираа од кризата бидејќи имаа ‘стомак‘ да купат повеќе акции на компании во периодот кога глобалниот пазар на капитал се уриваше. Тој во меѓувреме заздрави, надоместувајќи за повеќето загуби. Акциите во некои технолошки компании нагло пораснаа“, вели Јозеф Штадлер, шефот на глобалниот оддел на „УБС“ кој директно соработува со најбогатите луѓе на светот.

Најголемите добитници се индустријалците, чие богатство пораснало за 44% и шефовите на технолошките компании (+41%).

„УБС“ вели дека над 200 милијардери имаат донирано за борбата против ковид-19.