МАСК ИЗГУБИЛ 165 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ВО 2022, ШТО Е НОВ СВЕТСКИ РЕКОРД

Њујорк, (Би-Би-Си)

Илон Маск постави светски рекорд за најголема загуба на лично богатство во историјата. Според Гинисова книга на рекорди, шефот на „Тесла“ изгубил околу 165 милијарди долари од ноември 2021 до декември 2022.

Бројките се базираат врз податоците на „Форбс“, но од Гинис велат дека други извори сугерираат дека загубите на Маск би можеле да бидат и поголеми. Ова особено се должи на падот на вредноста на акциите на „Тесла“ минатата година, откако Маск го купи Твитер за 44 милијарди долари.

Претходниот рекорд го држеше јапонскиот технолошки инвеститор Масајоши Сон, кој во 2000 година изгубил 58,6 милијарди долари.

Минатиот месец, Маск го изгуби статусот на најбогат човек на светот, откако вредноста на акциите на „Тесла“ се намали за 65%. „Форбс“ го проценува богатството на Маск на 178 милијарди долари, десет милијарди помалку од Бернар Арно, извршниот шеф на француската компанија за луксузни добра „ЛВМХ“.

(Фото: АП)