150 ГОДИНИ МОДА ПРЕТСТАВЕНИ НА ИЗЛОЖБАТА ВО МЕТРОПОЛИТЕН ВО ЊУЈОРК

Њујорк, (АФП)

Една од најголемите изложби оваа година ги слави минатото и сегашноста на модата и на едно место спојува легендарни креации на дизајнери како Александер Меквин, Луј Витон, Карл Лагерфелд, Џани Версаче и Кристијан Диор.

Насловена „About Time: Fashion And Duration“, изложбата се отвора денеска во музејот Метрополитен во Њујорк и ја прикажува историјата на модата во изминатите 150 години. Таа ќе трае до 7 февруари следната година.

(Фото: Ројтерс)

Изложбата оригинално требаше да се отвори на 4 мај, паралелно со годишниот настан Мет гала и со неа да се одбележи 150-годишнината на музејот, но пандемијата на коронавирусот ги поремети овие планови.

Посетителите низ изложбата ќе ги води „духот“ на Вирџинија Вулф во улога на наратор.

(Фото: Мет)

Модата е тесно поврзана со времето. Таа не само што го одразува и претставува духот на времето, туку и се менува и развива низ времето. Низ серија хронологии, изложбата го користи концептот на времетраење за да ги анализира пресвртите и промените во историјата на модата“, вели кураторот на Институтот за костими на Мет, Ендрју Болтон.

Изложбата ја истакнува колекцијата на Институтот која брои 33.000 парчиња облека и модни додатоци, а најстарите експонати датираат од крајот на 1870-ите.

(Фото: Ројтерс)