Кога пандемијата на коронавирусот ги затвори училиштата низ светот, ретко која држава беше така подготвена за префрлување на онлајн настава како Естонија, благодарение на нејзиното долготрајно инвестирање во дигитално учење.
Оваа мала балтичка држава пред многу години го направи развојот на дигитални вештини, супербрз интернет и на софистицирана ИТ-структура национален приоритет. Во 2001, таа стана една од првите земји на светот која го класифицираше интернетот како човечко право.
Естонските училишта со години користат материјали за дигитално учење и системи на електронско школство, што ги поврзуваат учениците, наставниците и родителите, па кога се појави коронавирусот, естонските деца беа пратени дома и нивната настава беспрекорно продолжи на интернет.
„На многу начини сме во подобра ситуација од останатите држави“, вели Тави Крајтсман, директор на основно училиште од градот Тарту.
Многу години пред ковид-19, 340 ученици од неговото училиште имаа свои сопствени ајпеди вмрежени во училиштето и редовно ги користеа во наставата, која во некои денови беше и онлајн, кога работеа од дома.
Откако Естонија се осамостои од Советски Сојуз во 1991 година, нејзините млади лидери си поставија за цел да креираат дигитална држава, во чија суштина ќе биде образованието. Во 1997 беше лансиран проект за опремување на училиштата со компјутери и интернет, проследено со дигитална обука на наставниците.
Не секое дете во Естонија има свој лаптоп или таблет и во тој случај помагаат училиштето, локалните власти или волонтерски организации.
„Резултатите се позитивни. Наставниците успеваат да допрат до речиси сите ученици. Оваа учебна година не се разликува многу од претходните“, додава Крајтсман.