Шинид О‘Конор ја одложи турнејата закажана за 2021 и ќе почне едногодишна рехабилитациска програма за траума и зависности.
Таа вели дека 2020 била кулминација на нејзините шестгодишни страдања, откако станала зависна од уште една дрога, покрај марихуаната, што ја користи веќе 34 години. Ова било поттикнато од смртта на една сакана личност. О‘Конор додава дека искусила и голема траума поради болеста на едно од нејзините деца, кое во меѓувреме оздравело.
„Ќе ми треба време да зацелам, пред да бидам спремна за турнеја. Но, ако ова значи дека мојата кариера е готова, тогаш нека биде така. Мора да го спасам единствениот живот што го имам“, напиша О‘Конор на Твитер.
Таа кажа дека сѐ уште планира да објави мемоари во 2021 и дека ќе се врати со сериозно добар албум, презакажувајќи ја турнејата за 2022.
„Дури тогаш ќе можам јасно да ги објаснам моите искуства од изминатите шест години“.