НА СЕТ БЕВМЕ И ПО ЦЕЛИ НОЌИ, НО СНИМАЊЕ ФИЛМ Е СЛАТКА МАКА, ВЕЛИ РЕЖИСЕРОТ ГОЦЕ ЦВЕТАНОВСКИ ЗА СВОЈОТ ПРВ ИГРАН ФИЛМ „ДЕНОТ НА ЖЕНАТА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

И покрај сите ограничувања и предизвици што со себе ги носат актуелните глобални околности, Гоце Цветановски во предвидениот рок го заврши снимањето на својот прв игран филм „Денот на жената“. Трговијата со луѓе, присилната проституција и насилството врз жени се во фокусот на овој социјално ангажиран крими трилер, што се снимаше 28 дена на повеќе локации во Скопје и Куманово и притоа работата не претрпи никакви застои и пречки.

Во главни улоги се Слаѓана Вујошевиќ, Муса Исуфи и Исмаил Касуми, а во актерската екипа се и Катерина Коцевска, Дамјан Цветановски, Елени Декидис и Егзона Салиху. Директор на фотографијата е Фејми Даут, кој работеше на филмот по големиот успех со документарецот „Медена земја“.

Во една од главните улоги е Слаѓана Вујошевиќ, позната по популарниот детски анимиран серијал „Сказните на Биби“ (Фото: М. Угарковиќ)

Беше прилично возбудливо да се снима во време на пандемија. Некои локации дури и полесно успеавме да ги добиеме поради тоа што локалите беа затворени или работеа со намалено темпо. Се надевам дека оваа ситуација ќе заврши што побрзо и дека за наредниот проект ќе можеме да си ги гледаме лицата додека работиме“, вели Цветановски.

Снимањата се одвиваа со жестоко темпо, екипата понекогаш беше на сет и цели ноќи.

„Снимањето филм е слатка мака. Имаше моменти кога заморот ме обземаше, но доволно беше да се видат возбудата и ентузијазмот кај останатите членови на екипата за да се вратам во колосек. Најтешка беше една ноќ кога снимавме во близина на село Коњаре. Имавме вештачки дожд и магла, беше многу студено и цело време газевме по кал. Како награда, сцената испадна визуелно многу убава и емотивна“.

Катерина Коцевска и Дамјан Цветановски на снимањето (Фото: М. Угарковиќ)

Цветановски зад себе има неколку кратки играни и анимирани филмови, но ова му е првпат да е режисер на ваков проект.

„Прилично сум задоволен од материјалот. Филмот ќе биде доста необичен, колоритен и со голем дијапазон на емоции. Научив многу работи и едвај чекам да го видам крајниот резултат. Екипата беше крајно професионална и секогаш беше тука за да помогне“.

Освен што е сценарист и режисер, Цветановски и го монтира филмот, што го прави паралелно со работата на првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“. Засега не може да каже кога ќе биде премиерата на „Денот на жената“.

„Мислам дека првата верзија од монтажата ќе биде готова за доста брзо време, дури се надевам и пред Нова година, но самата премиера ќе зависи од повеќе фактори. Пред сѐ, би сакал тоа да биде на некој од големите фестивали и, секако, самиот фестивал да се случува физички, а не онлајн, како што е моменталниот тренд поради пандемијата. Во меѓувреме, си купив црвен тепих за да се вежбам по дома“, додава тој на шега.

Г. КОНЕВ