КИНЕЗ ПЛАТИ РЕКОРДНИ 1,6 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ГУЛАБ

Брисел, (Би-Би-Си)

Тркачки гулаб од Белгија постави нов светски рекорд откако беше продаден на аукција за 1,6 милиони евра.

Првичната понудена цена за двегодишната женка Њу Ким била само 200 евра, за на крајот да биде купена од кинески наддавач за незамислив износ. Курт фан де Воувер, чие семејство го одгледало гулабот, вели дека сите се шокирале од веста.

Досегашниот рекорд го држеше четиригодишниот мажјак Армандо, кој лани во март се продаде за 1,25 милиони евра.

Њу Ким победи на голем број натпреварувања во 2018 година, но во меѓувреме беше пензионирана. Како и Армандо, и Њу Ким била купена во војна на наддавање помеѓу две лица од Кина, каде што трките со гулаби станаа многу популарни во изминатите години.

Одгледувањето гулаби е многу популарно во Белгија, каде што со ова се занимаваат над 20.000 луѓе.