„ШТО Е СИЛЕЏИЈА“ ПРЕМИЕРНО ВО ТЕАТАР ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ ЗА ПУБЛИКА НАД 14 ГОДИНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Што е силеџија“ е насловот на претставата на Театарот за деца и младинци (ТДМ), намената за публика над 14 година, која премиерно ќе се изведе на 18 ноември од 19 часот.

Драмски автори се Горјан Милошевски и Хана Миленковска, која е и режисер на претставата. Од ТДМ велат дека во претставата во прв план се ставаат проблемите поврзани со врсничко насилство, поточно силеџиството во едно средно училиште.

„Приказната се врти околу еден инцидент во кој учествуваат пет средношколци: Васил, Стефан, Марија, Мартин и Луција. Ги гледаме овие млади луѓе кои носат трауми од своето минато, од детството и се заробени во еден синџир на насилници и насилнички методи и корупција. Гледаме ликови, поточно луѓе, кои, за жал, се инструменти на насилството кое се пренесува од година во година, од еден на друг, како модус за опстојување, доминација и одбрана“, велат авторите.

Играат Никола Наковски, Петар Стојанов, Мики Анчевски, Матеа Јанковска и Ангела Димитрова. Кореографијата е на Валентино Апостоловски.