„МОДЕРНА“ ГИ ЗГОЛЕМИ НАДЕЖИТЕ ЗА ЕФЕКТИВНА ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19, ЌЕ БИДЕ ПОСКАПА, НО ПОЕДНОСТАВНО ЌЕ СЕ ЧУВА

Њујорк, (Гардијан)

Се зголемуваат надежите дека следната година ќе имаме ефективна вакцина против ковид-19, за постепено враќање на животот во нормала.

„Модерна“ е последната биотехнолошка компанија која објави охрабрувачки резултати од третата, завршна фаза на тестирањето, кои кажуваат дека нејзината можна вакцина против ковид-19 дава заштита од 94,5%. Ова ги надминува резултатите на „Фајзер“ и „БиоНТек“, чија вакцина се одликува со 90-процентна ефективност.

„Модерна“ најави дека во следните недели ќе побара одобрување за вакцината од американските регулатори. Од компанијата кажаа дека се способни да произведат 20 милиони дози од вакцината до крајот на 2020, а догодина, кога би била достапна и надвор од САД, меѓу 500 милиони и една милијарда. Договор со „Модерна“ засега имаат потпишано Јапонија, Канада, Швајцарија, Катар и Израел.

Ако продолжат импресивните резултати од тестирањата, „Модерна“ би можела да има предност во однос на „Фајзер/БиоНТек“, чија вакцина бара суперстудени услови за складирање на -70 до -80 Целзиусови степени. Од „Модерна“ кажаа дека ги имаат усовршено складирањето и стабилноста на својата вакцина, за чие чување се доволни меѓу два и осум степени, а шест месеци може да опстане и на температура од -20 степени.

Од друга страна, вакцината на „Модерна“ ќе биде поскапа од конкурентите и ќе чини меѓу 50 и 60 долари за две дози. „АстраЗенека“ и Оксфорд планираат нивната вакцина да чини само четири долари за доза, а „Фајзер“ ќе наплаќа 40 долари за две дози во САД.