АРСЕНАЛ Е ПРИМЕР ЗА ОДРЖЛИВОСТ И ГРИЖА ЗА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА МЕЃУ ФУДБАЛСКИТЕ КЛУБОВИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Арсенал верува дека може да ги инспирира своите фанови низ цел свет да бидат поодржливи откако стана првиот премиерлигашки клуб кој потпишал план за борба против климатски промени на Обединетите нации.

„Ние како клуб веќе спроведовме низа еколошки активности и ќе продолжиме да ја користиме моќта на Арсенал за да ги инспирираме нашите глобални заедници за сите заедно да се движиме кон една поодржлива иднина“, изјави оперативниот директор на клубот Хајвел Сломан.

Меѓу веќе преземените иницијативи со кои Арсенал придонесува за заштитата на животната средина се истакнуваат:

  • тој е првиот британски клуб кој инсталирал огромни батерии за складирање енергија, кои обезбедуваат струја за целиот стадион за време на еден натпревар
  • за 21 година засадил повеќе од 29.000 дрвја кај својот тренинг-центар во Лондон Колни, што денес е познато како шумата Колни
  • воведе систем за рециклирање на водата во тренинг-центарот и на овој начин лани биле рециклирани над 4,5 милиони литри вода
  • стана првиот британски фудбалски клуб кој се префрлил на стопроцентно чиста струја
  • заштедува 20.000 пластични чаши за еднократна употреба по натпревар откако стадионот се префрли на чаши што може повторно да се користат
  • инсталираше автоматизирано, штедливо ЛЕД осветлување на сите локации во клубот.