ХИТ СЕРИЈАТА „ДАМСКИ ГАМБИТ“ Е ЕДНА ОД ПРИЧИНИТЕ ЗА НОВИОТ БУМ НА ШАХОТ, ГАРИ КАСПАРОВ СЕ ПОГРИЖИЛ ДА БИДЕ АВТЕНТИЧНА

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Успехот на последната хит серија на „Нетфликс“ ги изненади и оние кои учествуваа во нејзиното создавање.

Сместена во 1960-ите, „Дамски гамбит“ ја следи приказната на измислениот лик Бет Хармон, чудо од дете кое станува голема ѕвезда во шаховскиот свет, во кој доминираат мажи. Таа е една од причините што светскиот интерес за оваа игра е можеби најголем уште од времето кога Боби Фишер го победи Борис Спаски во 1972 година.

Гари Каспаров, еден од најголемите шахисти на сите времиња, работеше како советник на серијата за да се обезбеди автентичност.

Мислам дека шахот е во голем подем, како во САД, така и во остатокот од светот. Серијата заврши одлична работа во неговото промовирање и очекувам нов бум, зашто ќе помогне да се промени имиџот на шахот, кој досега се поврзуваше главно за бубалици и лудаци. Во серијата гледаме дека шахот ѝ помага на Бет Хармон да ги надмине своите зависности и слабости и ја крева до нови височини. Затоа верувам дека серијата ќе охрабри многу родители да ги насочат своите деца кон шахот, особено девојчиња“, вели Каспаров.

Според Меѓународната шаховска федерација, во првите десет дена од излегувањето на серијата побарувачката по шаховски комплети на „Ибеј“ пораснала за 273%, додека бројот на нови играчи на онлајн шах петкратно се зголемил во споредба со лани, за што придонесе и актуелната пандемија.

Волтер Тевис ја напишал книгата „Дамски гамбит“ во 1983, една година пред да почине, а како инспирација му послужила токму легендарната победа на Фишер над Спаски во Рејкјавик и ликот на Хармон има доста сличности со него.