МОЖАМ ДА СЕ ДВИЖАМ, ЗБОРАМ И РАЗМИСЛУВАМ, ШТО ПОВЕЌЕ ДА ПОСАКАМ, ВЕЛИ МАЈКЛ ЏЕЈ ФОКС КОЈ 30 ГОДИНИ СЕ БОРИ СО ПАРКИНСОНОВА БОЛЕСТ

Лос Анџелес, (Гардијан)
attends A Funny Thing Happened on the Way to Cure Parkinson's 2018 at the Hilton New York on November 10, 2018 in New York City.

Мајкл Џеј Фокс вели дека по 30 години живот со Паркинсонова болест, сѐ уште се смета за среќен човек.

Ѕвездата на „Враќање во иднината“, чии нови мемоари „No Time Like the Future“ излегоа минатата недела, беше на врвот на популарноста и три години во брак со Трејси Полан кога на само 29-годишна возраст му беше дијагностицирана неизлечливата болест.

„Сега веќе не правам многу планови за иднината: патувам, играм голф со пријатели и посветено одам напред. Но, колку и да сум ограничен во многу нешта, некој пред 30 години, кога ми ја дијагностицираа болеста, да ми кажеше дека сега ќе имам ваков живот и ќе ги правам работите што ги правам, ќе речев: ‘Прифаќам‘. Можам да се движам, за што треба малку планирање, но, сепак, можам. Можам да размислувам, комуницирам, да изразам чувства. Што повеќе да посакам?“, вели Фокс во интервјуто за „Гардијан“.

Фокс со сопругата Трејси Полан и четирите деца (Фото: Гети)

Тој откри дека се свртел кон алкохолот кога првпат ја дознал дијагнозата.

„Мојата прва реакција беше да го удвојам пиењето. Решив да ја прифатам мојата состојба откако едно утро Трејси ме праша дали е тоа она што го сакам од животот. Таа не беше лута, ниту вознемирена, туку само изгледаше дека ѝ е здодевно. Тој разговор со неа ми го промени животот и го оставив пивото“, вели 59-годишниот Фокс.

Тој во меѓувреме стана голема инспирација за сите луѓе кои се борат со оваа болест и досега има собрано над 650 милиони долари за истражувања.

Иако правеше мали паузи, Фокс никогаш не се откажа целосно од глумата, но во мемоарите признава дека „деновите на 12-часовна работа и памтење на седум страници дијалог“ се зад него.