КУРТ РАСЕЛ САКА ДА СЕ ПЕНЗИОНИРА СО УЛОГАТА НА ДЕДО МРАЗ

Лос Анџелес, (Пипл)

Во богатата, шестдецениска актерска кариера, 69-годишниот Курт Расел играше разни ликови и медиумите пренесуваат дека би можел да се пензионира со последната улога, на Дедо Мраз во „The Christmas Chronicles 2“ на „Нетфликс“, за која изјавил и дека му е најдрага.

Режисерот на филмот Крис Колумбус, кој го сними и „Сам дома“, изјави дека Расел со голема љубов и труд се подготвувал за улогата на Дедо Мраз.

„Кога еден актер го игра Дедо Мраз, најчесто публиката не го сфаќа сериозно. Но, кога Курт Расел се спремаше да го игра Дедо Мраз, тој напиша 170 страници за историјата и митологијата на тој лик, осум недели ја пушташе брадата и деноноќно работеше со мене на сценариото. Тој толку се посвети на оваа улога што уживав да работам со него. Ми рече сакам со оваа улога да се одјавам, ова да ми биде последна ролја“, изјави Колумбус.

Во „The Christmas Chronicles 2“, Расел по цели 33 години се спојува на филм со неговата долгогодишна животна партнерка Голди Хоун, која ја игра Баба Мразица. Расел и Хоун се една од најомилените двојки во Холивуд и иако имале многу понуди да глумат заедно, тоа за последен пат се случи во „Overboard“ во 1987. Тие биле странци кога првпат заедно работеле во 1968 година, на снимањето на „Swing Shift“ во 1984 се вљубиле еден во друг, а во 1987 стануваа семејство.