АКО ПЕЛЕ Е БЕТОВЕН НА ФУДБАЛОТ, ЈАС СУМ КИТ РИЧАРДС, РОНИ ВУД И БОНО ЗАЕДНО – ЖИВОТОТ НА МАРАДОНА НИЗ НЕГОВИ ИЗЈАВИ

Буенос Аирес, (Марка)
epa08841635 (FILE) - Argentinian soccer legend Diego Maradona (L, top) before the FIFA World Cup 2018 group D preliminary round soccer match between Nigeria and Argentina in St.Petersburg, Russia, 26 June 2018 (re-issued on 25 November 2020). Diego Maradona has died after a heart attack, media reports claimed on 25 November 2020. EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI EDITORIAL USE ONLY

Целиот свет тагува по Диего Армандо Марадона, еден од најголемите фудбалери на сите времиња, кој почина вчера на 60 години од срцев удар, оставајќи зад себе неспоредливо наследство. Освен што радуваше милиони луѓе со своите играчки вештини, Марадона имаше и турбулентен живот, исполнет со скандали, зависности и здравствени проблеми.

За неговите живот и кариера можеби најдобро зборуваат некои негови изјави.

ЗА ДЕТСТВОТО ВО ВИЛА ФЛОРИТО

Играњето фудбал ми даваше уникатен мир. Само сакав да трчам по топката, да ја имам и да играм. Отсекогаш сум го имал тоа чувство: дај ми ја топката и остави ме да го правам тоа што го знам.

ЗА ПРВИОТ ТИМ ЛОС СЕБОЛИСТАС

Ги победувавме сите против кои игравме. Имавме 136 мечеви без пораз. Како само игравме! Уште тогаш ме фотографираа.

ЗА СВЕТСКАТА МЛАДИНСКА ТИТУЛА ВО ЈАПОНИЈА ВО 1979

За Архентинос хуниорс дебитирав на 20 октомври 1976, десет дена пред 16. роденден. Мислев дека можам да играм на Светското првенство во 1978. Плачев многу. Никогаш не му простив на селекторот Меноти, но никогаш не го мразев. Си реков дека ќе им покажам и им покажав во Јапонија.

ЗА ПРЕСТОЈОТ ВО БАРСЕЛОНА ОД 1982 ДО 1984

Претседателот Нуњес е единствениот виновник за сѐ што се случи во Барселона. Тој никогаш не прифати дека не може да биде поважен од фудбалерот и постојано ме прогонуваше.

Марадона ќе остане запаметен и како еден од најоригиналните карактери во историјата на фудбалот (Фото: АП)

ЗА ЗЛАТНИТЕ ГОДИНИ ВО НАПОЛИ

Кога дојдов во Наполи, бев нула и во долгови. Моите години во Италија беа спектакуларни. Кога пристигнав, сфатив дека клубот минатата сезона едвај се спасил од испаѓање. Затоа никој не ми веруваше кога реков дека ќе бидеме шампиони. И тоа се случи во 1987. Забавата на „Сан Паоло“ беше незаборавна.

ЗА ТИТУЛАТА СВЕТСКИ ПРВАК ВО 1986

Тоа е највозвишениот момент во мојата кариера. Кога го држев трофејот, имав чувство како да го допирам небото. Тоа беше остварување на сите мои сништа. Во исто време знаев колку се среќни сите во Аргентина.

ЗА „БОЖЈАТА РАКА“ ПРОТИВ АНГЛИЈА

Го сакам тој гол, како и сите други. Имав чувство како да им го крадам паричникот на Англичаните по Фолкландската војна.

ЗА ПОЗИТИВНИОТ ДОПИНГ ТЕСТ НА СП 1994

Тврдам и денес: тие ми ги пресекоа нозете.

ЗА ПЕЛЕ

Ако Пеле е Бетовен на фудбалот, тогаш јас сум Кит Ричардс, Рони Вуд и Боно заедно. Како играч, Пеле беше најдобар, но не знаеше да го искористи тоа за да го крене фудбалот. Заедно можевме да направиме големи работи, но премногу сме различни. Проблемот е што тој се плашеше дека сакам да му земам нешто што никогаш не сум го сакал. Нека решат луѓето кој е број еден.

ЗА КРИСТИЈАНО РОНАЛДО

Ќе даде гол, па потоа ти продава шампон.

ЗА ДРОГИТЕ

Не би сакал моите деца да ги користат, но како одговорен родител морам да кажам дека сум бил и секогаш ќе бидам зависник.