„ДРЕВНА СИСТИНСКА КАПЕЛА“ ОТКРИЕНА ВО ЗАФРЛЕНИ АМАЗОНСКИ ШУМИ, СОДРЖИ ДЕСЕТИЦИ ИЛЈАДИ ЦРТЕЖИ СТАРИ 12.500 ГОДИНИ

Лондон, (Гардијан)

Една од најголемите колекции на праисториска карпеста уметност на светот е откриена во амазонските дождовни шуми.

Опишана како „Систинска капела на древните луѓе“, археолозите пронашле десетици илјади цртежи на луѓе, животни и геометриски облици во разни големини, создадени пред 12.500 години на карпите што се протегаат на речиси 13 километри во Колумбија. Нивната старост е проценета делумно врз прикажувањето на сега исчезнати животни од ледено доба, како мастодон, праисториски роднина на слонот, кој лутал низ Јужна Америка до пред 12.000 години.

Карпите со цртежи се протегаат на речиси 13 километри во Колумбија (Фото: Ела Ал-Шамахи)

Овие животни биле видени и насликани од некои од првите луѓе кои стигнале во Амазонија и сликите даваат мал увид во изгубена, древна цивилизација. Нивниот обем е толку голем што ќе требаат децении за да се проучат, велат археолозите.

Ова било откриено минатата година, но досега се држело во тајност, зашто е снимено за новата серија „Jungle Mystery: Lost Kingdoms of Amazon“, што ќе почне да се прикажува на „Ченл 4“ овој месец.

Новата локација е толку нова, што засега нема ни име“, вели презентерката на серијата Ела Ал-Шамахи.

Цртежите биле откриени од британско-колумбиски тим, чиј лидер е Хосе Иријарте, водечки експерт за Амазонија и предколумбиска историја. Локацијата е толку зафрлена, што по два часа возење, археолозите и филмската екипа морале да пешачат уште четири часа.

Зборуваме за десетици илјади цртежи. Каде и да се свртиш, има нов ѕид со дела. Почнавме да гледаме животни што се одамна исчезнати. Сликите се толку природни и толку добро и детаљно направени, па лесно се препознава што прикажуваат. Некои од цртежите се направени толку високо, што можат да се видат само со дрон“, вели Иријарте.