ТРОЈЦА МУЗИЧАРИ ГО ИЗВЕДУВААТ БЕТОВЕН НА ВЕЧЕРАШНИОТ КОНЦЕРТ НА ФИЛХАРМОНИЈАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Бетовен #3“ е насловен вечерашниот концерт на Филхармонијата од 20 часот, на кој како солисти ќе настапат тројца врвни музичари: Емир Имеров – виолина (Германија), Александар Кагановски – виолончело (Швајцарија) и Ваг Папијан – пијано (Израел). Тие ќе настапат во изведбата на Концерт за виолина, пијано, виолончело и оркестар оп. 56 од Бетовен. Диригент е Конрад фан Алфен од Холандија, а на програмата е и Серенада за дувачки оркестар од Дворжак.

Од Филхармонијата велат дека Бетовен го напишал таканаречениот Троен концерт во 1803 година и тоа е единствениот негов концерт за повеќе од еден инструмент. Музиколозите го дефинираат како помалку брилијантен „брат“ на другите дела кои ги создал во истиот период, меѓу кои се операта „Фиделио“ и Четвртата симфонија.

Серенадата за дувачи, виолончело и контрабас во Д-мол, оп. 44 е камерно дело на чешкиот композитор Антонин Дворжак (1841-1904). Напишана е во типичен „словенски“ стил во 1878 година, кога била и премиерно изведена.