Со длабочина од 45 метри, „Дипспот“, кој се отвори деновиве во Полска, е најдлабокиот базен во светот. Собира 8.000 кубици вода, што е 27 пати повеќе од стандарден 25-метарски базен.
Базенот се градеше две години и е наменет за тренинг и вежби на нуркачи. Изградбата чинеше 10,6 милиони долари. Во базенот има и потопен брод, како и вештачки пештери за да може нуркачите да истражуваат.
„Тука нема риби и корали, ниту е замена за море. Но, дефинитивно е добро место за учење и тренирање, со цел безбедно да се нурка во отворени води. Навистина е забавно. Базенот е како игротека за нуркачите“, изјави Михал Брашчински, директорот на базенот, што се наоѓа во близина на Варшава.