„Епл“ ги претстави своите нови слушалки „AirPods Max“, чија цена е 549 долари, што ги прави поскапи од новите конзоли на „ИксБокс“ и „Плејстејшн“. Според специјализирани медиуми, слични слушалки на „Сони“ или „Зенхајзер“ чинат околу 350 долари.

Новите слушалки на „Епл“, кои доаѓаат во пакување со необичен облик, се безжични и ја спречуваат надворешната бучава. Според компанијата, тие комбинираат акустичен дизајн и напреден софтвер за да се овозможи ултимативно лично искуство на слушање. Капите што одат на ушите се покриени со мемориска пена, која обезбедува удобност и имаат заптивка за подобрување на квалитетот на звукот.

Батеријата на слушалките трае 20 часови и музиката автоматски се паузира кога ќе се крене една од капите.