Ревија филмови од режисерот, сценарист и продуцент Митко Панов ќе се одржи во Кинотеката на 9, 10 и 11 декември. Ќе се прикажат неговите кратки филмови „Со кренати раце“ и „Ливада“, долгометражниот документарец „Земјаци“ и играните филмови „Војната заврши“ и „Сведок“, во кој славниот швајцарски актер Бруно Ганц ја оствари една од последните улоги.
Кинотеката најавува дека Панов ќе биде присутен на проекциите и ќе одговара на прашањата на публиката.
Панов студирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а од 1983 до 1988 и филмска режија во Лоѓ, Полска. Неговиот прв краток филм „Леб и сол“ е снимен во 1986 во бродоградилиштето „Ленин“ во Гдањск.
Неговиот студентски филм „Со кренати раце“, снимен во 1985 во полска продукција, учествуваше на фестивалот во Кан после шест години и ја освои „Златната палма“ за најдобар краткометражен филм.
За краткиот документарец „Бериќет“, кој е дел од трилогија со „Човекот“ и „Трудот“, доби Гран при за режија во 1995 на Меѓународниот филмски фестивал Исмаилија (Египет)
Панов со децении предава филм на универзитети во САД и Европа. Еден од неговите студенти бил и режисерот Стив Меквин, оскаровец со филмот „12 години ропство“.