СОЛАРНО-ЕЛЕКТРИЧНОТО ВОЗИЛО „АПТЕРА“ НИКОГАШ НЕ ТРЕБА ДА СЕ ПОЛНИ

Сан Диего, (Дезин)

Американската стартап компанија „Аптера“ разви соларно-електрично возило, за кое тврди дека повеќето возачи никогаш нема да треба да го полнат.

Автомобилот на „Аптера“ користи комбинација од сончева и електрична енергија за да се движи, што значи дека возачите ќе може да го комплетираат своето патување без да застануваат на станици за полнење.

„Просечниот Американец вози 46 километри на ден. Во зависност од тоа каде живее и колку вози, сопственикот на ‘аптера‘ можеби никогаш во животот нема да треба да го полни автомобилот“, велат од компанијата од Сан Диего.

Возилото долго 4,4 и широко 2,2 метра може да прими двајца патници, плус домашен миленик. Со полна батерија, „аптера“ може да помине до 1.600 километри, но истовремено може постојано да се напојува со сончева енергија. Во структурата на автомобилот се вградени вкупно 180 соларни ќелии и технологијата овозможува и складирање енергија.

„Аптера“ планира да почне со производството на автомобилот следната година, а негова максимална брзина е 175 километри на час.