БРИТАНСКА АКТЕРКА ЌЕ ЈА ИГРА ВИТНИ ХЈУСТОН ВО НОВ БИОГРАФСКИ ФИЛМ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Британската актерка Наоми Еки е избрана да ја игра Витни Хјустон во нов биографски филм.

„Сакам да танцувам со некого“ (I Wanna Dance With Somebody), насловен според еден од првите хитови на Хјустон, ќе го следи нејзиниот подем од анонимна пејачка до голема музичка ѕвезда и авторите ветуваат дека „тој искрено ќе прикаже каква цена носи славата“. Сценариото ќе го пишува Ентони Мекартен („Боемска рапсодија“), а филмот ќе го режира Стела Меги.

„Го поминавме поголемиот дел од минатата година во исцрпувачка потрага по актерка која би можела да ја отелотвори Витни Хјустон. Наоми Еки нѐ импресионираше во сите фази од процесот. Ме допре со својата способност да го долови сценското присуство на глобалната икона, додека внесува човечност во нејзиниот приватен живот“, изјави Меги.

Дваесет и осумгодишната Еки лани освои телевизиска БАФТА награда, а се појави и во „Војна на ѕвездите: Подемот на Скајвокер“.