РЕТКА ПЛОЧА ОД ПРИНС СЕ ПОЈАВИ 30 ГОДИНИ ОТКАКО НАРЕДИЛ СИТЕ КОПИИ ДА БИДАТ УНИШТЕНИ

Њујорк, (Ролинг стоун)

Во музичката историја, веројатно, не постои плоча која е побарана од колекционерите од „Црниот албум“ на Принс.

Отпечатен во околу 500.000 примероци кон крајот на 1987 година, Принс наредил сите веднаш да бидат уништени, оценувајќи дека „тоа зло никогаш не смее да биде објавено“. Компанијата „Ворнер брос“ навистина се потрудила сите копии да бидат уништени, дури тоа беше побарано и од извршните директори.

Во 1994 година, Принс, сепак, дозволи албумот да биде издаден на касета и ЦД, но не беше направена ниту една плоча. Во последните 30 години се појавија само три американски копии од плочата.

„Тоа е една од најретките плочи во историјата, ако не и најретка“, смета поранешниот извршен потпретседател на „Ворнер брос“, Џеф Голд.

Тој затоа беше скептичен кога овој месец доби и-мејл, во којшто беше запрашан да ја процени вредноста на неотворена плоча од „Црниот албум“.

„Нормално дека прво помислив дека е лажна и побарав да биде отворена за да ја испитаме, затоа што сите претходни случаи се покажаа неавтентични. Набргу сфатив дека зборувам со бивш колега од ‘Ворнер брос‘. Излезе дека тој 25 години чувал пет неотворени копии од ‘Црниот албум‘“, вели Голд.

Тој добил три од нив и првата ја продал за 15.000 долари уште по првиот повик.

„Планирам една да дадам на аукција. ‘Црниот албум‘ моментално е на врвот на листата на најретките плочи на сите времиња“, тврди Голд.