НЕМА ВОЛШЕБНА НАПИВКА ЗА ЛЕКУВАЊЕ МАМУРЛАК, НО НЕКОИ ЈАДЕЊА МОЖЕ ДА ПОМОГНАТ

Берлин, (ДПА)

Науката сè уште нема пронајдено волшебна напивка која веднаш ќе излечи мамурлак, но консумирање одредена храна може многу да помогне во неговото олеснување.

Со една ноќ уживање, по испиени неколку чаши алкохол, си доаѓа и одредена цена што треба да се плати. Многумина се будат со желба магично да се ослободат од мамурлакот и притоа консумираат одредена храна, мислејќи дека ќе им го олесни процесот.

Кога ќе се претера со пиењето, треба да се сносат последиците. Секој треба да знае до каде му е границата“, вели Клариса Дотингер, нутриционистка од Минхен.

Таа советува да се консумира куркума пред да се почне со пиење алкохол, зашто има антиоксидантско и детоксирачко дејство.

А, после бурната ноќ? Дотингер препорачува прво да се испие сок од лимон со млака вода, потоа чај, по можност од ѓумбир и да се консумираат варени, топли зеленчуци кои имаат горчлив вкус: ливчиња од глуварче, артичока, спанаќ, зелка. Свежи билки исто така се добри. Лесни зеленчукови чорби, сиров или варен зеленчук и многу свежо овошје се лесни за желудникот и го олеснуваат мамурлакот.

Испробан лек за мамурлак е појадок богат со протеини со многу течности.

Клаудија Цалтенбах, авторка на книги за готвење, наоѓа лек во чорби и супи од зеленчук, кои, како што вели, не се многу тешки за желудникот после бурна ноќ, при што особено ја препорачува мисо супата: ферментирана паста од соја полна со вкус.

И Максимилијан Вецел, кој држи ресторан во Берлин, смета дека супата е најдобар лек за мамурлак. Тој препорачува супа од ориз, анасон, цимет и ѓумбир.