Малдиви, една од најатрактивните туристички дестинации на светот, се состои од 1.200 мали острови и повеќето од нив се претворени во приватни ресорти. Луксузниот ланец хотели „Валдорф Асторија“ тукушто го отвори најскапиот меѓу нив, подигнувајќи го нивото на ексклузивност.
„Итхафуши“ или Бисерен Остров се простира на површина од 32.000 квадратни метри и се рекламира како најголемиот приватен остров на Малдиви, а за едно ноќевање треба да се платат 80.000 долари.
Островот може да прими 24 гости и содржи две вили и резиденција со четири соби. Неговата архитектура се опишува како „елегантна, но модерна, со доза на малдивски шарм“. Гостите на располагање имаат десет места за јадење и пиење.
„‘Итхафуши‘ е поим за ексклузивност, сместен на совршено место во една од најинспиративните дестинации на светот“, вели Етјен Даланкон, генералниот менаџер на „Валдорд Асторија Итхафуши“.
Малдиви на 15 јули повторно се отвори за странските туристи.