НЕПАЛСКИ ПЛАНИНАРИ ИСПИШАА ИСТОРИЈА ОТКАКО ПРВИ ГО ИСКАЧИЈА ВРВОТ К2 ВО ЗИМСКИ УСЛОВИ

Исламабад, (АФП)

Тим од десетмина Непалци испиша ново поглавје во историјата на планинарењето откако денеска се искачи на 8.611 метри високиот врв К2, втор највисок на светот. Лоциран во пакистанскиот дел на планинскиот венец Каракорам, К2 беше последниот врв на светот повисок од 8.000 метри кој претходно не бил искачен во зимски услови.

Тој се смета за најтежок и најопасен врв за искачување, кој од јули 2018 однесе 86 животи. Потврдено е дека при денешното искачување загинал шпанскиот алпинист Серхи Минготе.

„Историја за човештвото, историја за Непал!“, напиша Нирмал Пурџа на Инстаграм во 17:40 часот по локално време.

К2 важи за најтежок и најопасен врв за искачување

Ова постигнување е резултат на исклучителна соработка на непалските планинари, кои тргнале поделени во два тима, но во деновите пред конечното искачување ги здружиле силите, со цел заедно да стигнат на врвот.

„Ова е многу посебен момент. Сите се собравме на десет метри под врвот за да формираме група која заедно ќе стапне на врвот, додека ја пее непалската химна“, изјави Пурџа.

Од првиот обид во 1987 година, само неколку експедиции се обиделе да го изведат овој потфат, но ниедна не отишла повисоко од 7.650 метри, сѐ до денеска, кога на планинарите конечно им се понудиле добри услови.

Оваа зима, околу 60 планинари од цел свет се обидуваат да го искачат К2.