НОРВЕШКА ГРАДИ МУЗЕЈ ЗА НАБЉУДУВАЊЕ КИТОВИ ШТО ЌЕ ИМА ОБЛИК НА КИТ

Осло, (Инсајдер)

Данското архитектонско студио „Дорте Мандруп“ го објави изгледот на нов музеј и едукативен центар во Норвешка, што со својот облик ќе наликува на кит. Тој истовремено ќе служи и како отворена платформа за набљудување китови.

Наречен „Кит“, центарот ќе се наоѓа на островот Андеја, околу 300 километри северно од Арктичкиот Круг. Андеја е совршено место за набљудување китови, бидејќи областа е длабок морски кањон, што им овозможува на овие животни да се хранат блиску до брегот. Музејот треба да биде завршен во 2022.

Од студиото велат дека нивната визија била да креираат место кое ќе се претопи во пејзажот.

„Заоблената структура ќе потсетува на огромна карпа која расте од пејзажот. Зградата е поетска посвета на нејзиното окружување, каде што пејзажот под и над водата е како една континуирана кожа“, вели основачката и креативна директорка на студиото, Дорте Мандруп.

Во нормални околности, околу 50.000 туристи годишно доаѓаат на Андеја за да гледаат китови.