ЕГИПЕТ ОТКРИ УШТЕ 50 САРКОФАЗИ СТАРИ 3.000 ГОДИНИ ЗА КОИ ВЕРУВА ДЕКА ЌЕ ЈА СМЕНАТ ИСТОРИЈАТА

Каиро, (Ројтерс)

Египет го претстави новото значајно археолошко откритие во некрополата Сакара јужно од Каиро, кое вклучува 54 дрвени ковчези. Голем број од нив датираат од пред 3.000 години, од периодот на Новото Кралство.

Погребниот храм на кралицата Неит исто така е пронајден во близина на пирамидата на нејзиниот сопруг, кралот Тети од египетската Шеста династија, изјави реномираниот археолог Захи Хавас, кој ги предводи истражувањата.

Направени во облик на тело и обоени со светли бои, голем дел од саркофазите се недопрени. Пронајдени се и древни статуи и маски.

„Сите овие откритија одново ќе ја испишат историјата на Сакара и на Новото Кралство“, рече Хавас.

Сакара, дом на десетина пирамиди и древни манастири, била огромна некропола на древната египетска престолнина Мемфис и денес е под заштита на УНЕСКО. Во ноември, на оваа локација беа пронајдени повеќе од 100 недопрени саркофази. Голем дел од нив ќе бидат сместени во Големиот египетски музеј во Каиро, кој по многу одложувања, конечно треба да се отвори оваа година.