ЏИЛ БАЈДЕН САКА ДА БИДЕ ПОИНАКВА ПРВА ДАМА НА САД – ИМА ДОКТОРАТ И ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА ПРЕДАВА НА КОЛЕЏ

Вашингтон, (Њујорк тајмс)

Новата прва дама на САД Џил Бајден зеде отсуство од професорската работа минатата година за да го следи сопругот Џо во претседателската кампања, но не мисли да се откаже од својата кариера по влегувањето во Белата куќа.

И додека Џо Бајден беше потпретседател во двата мандата на Барак Обама, Џил Бајден ја задржа својата платена работа надвор од Белата куќа. Таа и сега намерава да продолжи да предава англиски и пишување на Државниот колеџ на Северна Вирџинија во близина на Вашингтон, што досега не го направила ниедна прва дама во историјата на САД.

„Многумина од моите студенти не знаат дека работам на две места“, кажа таа.

На својот прв ден во Белата куќа, таа прво им се обрати на образовните работници, заблагодарувајќи им се за нивната херојска посветеност во време на пандемијата на ковид-19.

Никогаш не сум била погорда на мојата професија“, кажа 69-годишната Бајден, која истовремено е прва сопруга на американски претседател која е доктор на науки.

Џил Бајден минувала низ развод кога во 1975 го запознала сенаторот Џо Бајден, кој три години порано ги изгубил сопругата и ќерката во сообраќајна несреќа. Се венчаа во 1977 и четири години подоцна ја добија ќерката Ешли.