СИНГАПУР ЌЕ ГРАДИ НОВ ЕКОЛОШКИ ГРАД КОЈ ЌЕ ИМА ЦЕНТРАЛЕН СИСТЕМ НА ЛАДЕЊЕ

Сингапур, (Си-Ен-Ен)

Сингапур е држава каде што над 80% од жителите живеат во јавни домови. Новото, 24. живеалиште што ќе го гради владата ќе биде паметен, еколошки град наречен Тенгах и прво кое ќе има централизирано ладење, автоматизиран систем на собирање отпад и центар без автомобили, што би требало да ги намали штетните емисии, кои се голем проблем за овој град-држава во Југоисточна Азија.

Властите го нарекуваат проектот „шумски град“ зашто ќе изобилува со зеленило и јавни градини. Исто така, проектот со 42.000 домови ќе се реализира на просторот на некогашни фабрики, кој во изминатите години е преземен од обемна секундарна шума и овој 100 метри широк еколошки коридор делумно ќе се заштити и ќе поминува низ центарот.

„Целиот сообраќај во Тенгах ќе биде подземен, така што градот ќе им биде отстапен на пешаците, на луѓето. Сакаме град кој овозможува безбедно пешачење и возење велосипед“, вели Чонг Фок Лонг, директор на агенцијата која управува со јавното домување во Сингапур.

Иако има само шест милиони жители, Сингапур има повеќе штетни емисии по жител од Велика Британија, Кина и Малезија. Ова делумно се должи на уредите за ладење, на кои отпаѓа една третина од потрошувачката на енергија во домовите. Планерите на Тенгах затоа бараа начини како одново да го осмислат ладењето, па студена вода, разладена преку соларни панели, ќе поминува низ домовите преку цевки.