Археолозите пронајдоа 2.000 години стари мумии со златни јазици ставени во нивните усти, објави египетското министерство за антиквитети. Мумиите, кои се во лоша состојба, се пронајдени при ископувањата во храмот Тапосирис Магна во Александрија.

Се верува дека на мртвите им биле ставани златни талисмани во облик на јазик за да можат да зборуват пред судот на богот Озирис во задгробниот живот. Древните Египќани верувале дека Озирис е господар на подземниот свет и судија на мртвите.

Египетско-доминикански тим археолози открил 16 гробни места на локацијата која била популарна во римско и грчко време.

При претходните истражувања, во храмот се пронајдени монети со името и ликот на Клеопатра, по чија смрт Египет потпаднал под римска доминација.