Шампањ, црвено вино, омилениот десерт и миса, сестра Андре денеска го слави 117. роденден, неколку дена откако светот ја обиколи веста дека ја добила битката со коронавирусот.
„Ова е голем ден. Таа е во одлична форма. Бев да ја видам утрово и многу е среќна“, изјави Давид Тавела, портпарол на домот за грижа на калуѓерки во францускиот град Тулон.
Некои од правнуците и праправнуците ѝ се јавиле на сестра Андре преку видеоповик утрово, а бискупот на Тулон ќе одржи миса во нејзина чест.
„Беше многу горда кога ѝ кажав дека ќе има миса во нејзина чест“, додаде Тавела.
Родена како Лусил Рандон на 11 февруари 1904, сестра Андре преживеала две светски војни, а неодамна и коронавирус. Таа имала позитивен тест во средина на јануари, но Тавела вели дека не ни сфатила дека е заразена зашто поминала без симптоми.
Денес слепа и во количка, таа и официјално се води како втората најстара личност на светот, зад 118-годишната Јапонка Кане Танака.
„Сестра Андре сака црвено вино, но ќе се напие и шампањ со десертот. Сепак, мора да се наздрави за 117. роденден. Одамна престанавме да ѝ ставаме свеќички на тортата зашто веќе нема доволно здив да ги изгасне сите“, вели Тавела.