ШОПИНГ ЗА САМЦИ Е ХИТ ВО ГЕРМАНСКИ СУПЕРМАРКЕТ

Берлин, (ДПА)

Во време на пандемија и затворени кина и локали, самците се принудени да останат дома на подолго време. Но, пазарење во супермаркет би можело да им биде врвот на неделата и место за пронаоѓање сродна душа.

Веќе две години по ред, секој петок од 18 до 20 часот, во мал супермаркет во Фолках во јужна Германија се одржува „Шопинг за самци“. Сите купувачи-самци притоа прикачуваат црвено срце на облеката, што е сигнал дека не се дојдени само за да купат јајца и млеко, туку и со надеж дека ќе ја пронајдат својата сродна душа.

„Полицискиот час и рестриктивните мерки ни малку не го олеснуваат наоѓањето партнер. ‘Сингл шопинг’ им дава шанса на самците дека можеби таму негде постои нивна сродна душа. Иако настанот постои веќе две години, забележавме дека во изминатите месеци се зголемил бројот на луѓето кои доаѓаат со прикачено срце“, вели Штефен Шелхорн, заменик-директор на супермаркетот.

Две жени веќе ги „собраа” своите срца: број 14 и број 4. Ени и Џулиет поминале повеќе од 10 километри во надеж дека ќе го најдат својот потенцијален партнер.

„Се плашам од запознавање луѓе на интернет. Премногу е ризично, немаш можност секогаш да знаеш кој се наоѓа на другата страна. Затоа се решив да дојдам тој петок на ‘Сингл шопинг’”, вели 59-годишната Ени, која по смртта на својот маж две децении била сингл.