СТАН ВО ХОНГКОНГ СЕ ПРОДАДЕ ЗА РЕКОРДНИ 59 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Хонгконг, (АФП)

Хонгконг се наоѓа среде најголемата рецесија во изминатите години, но пазарот на луксузни недвижнини цути, па така стан со пет спални соби се продаде за рекордна цена од 59 милиони долари.

Иако во Хонгконг се продале и поскапи имоти, пентхаусот од 313 квадрати во богатата населба Мид-Левлс постави нов азиски рекорд за цена по метар квадратен – 175.000 долари. Купувачот на станот на адресата Борет роуд 21, каде што се наоѓа новоизградена кула со луксузни апартмани, сакал да остане анонимен откако го урна рекордот од 2017 година.

Станот се наоѓа на 23. кат и доаѓа со пет спални соби, базен, приватна тераса и три паркинг места.

Просечната цена на имоти во Хонгконг изнесува 1,2 милиона долари, со што е далеку пред второпласираниот Сингапур со просечните 874.372 долари.