Докажано е дека маските ги штитат луѓето од потенцијално заразување со коронавирус, но тоа не значи дека имаат позитивно влијание врз вашата кожа, велат дерматолозите.
Тие во неколку земји објавија дека проблеми со акни, иритирана кожа и други кожни болести се зголемија како резултат на долгочасовно и континуирано носење заштитна маска на работно место.
„Кај многу пациенти на кои проблемите со кожата им беа под контрола акните се вратија откако почнаа да носат заштитна маска“, вели дерматологот Ута Шлосбергер од Келн.
Дерматолозите сметаат дека носењето маска придонесува за појава на поголеми кожни проблеми кај луѓето со невродерматитис и чувствителна кожа.
„Постојаното носење заштитна маска предизвикува стрес за кожата. Ова затоа што здивот создава еден вид комора за влага под ткаенината. Покрај тоа, триењето на маската од вашата кожа само ќе ја влоши иритацијата“, појаснува Шлосбергер.
Таа советува истата маска да не се носи повеќе денови, туку треба редовно да се менува. Препорачува на лицето да се нанесе утрински крем кој не е премногу мрсен и да не се носи шминка. За да не испука кожата на устата, Шлосбергер препорачува да се нанесе крем или маст за усни.