Повеќето куќи се градат блок по блок, цигла по цигла, но куќа во Калвертон, Њујорк, беше конструирана скен по скен, со користење на огромен 3-Д печатар.

Куќата е дело на градежната фирма „SQ4D“, која сакаше да им покаже на јавноста и индустријата што сѐ е можно и сега е ставена на продажба за 299.000 долари. Со прилепена гаража, куќата има вкупна површина од 130 квадратни метри. Сите делови, дури и темелите, се направени со 3-Д печатар.

„Ние ѝ даваме инструкции на машината да оди наоколу и да го следи вашиот нацрт. Ние константно градиме“, вели директорот на операциите во „SQ4D“, Кирк Андерсен.

Тој и неговите колеги морале да дизајнираат и изградат сопствен печатар за да можат да направат куќа.

„Ја земавме идејата од класичен пластичен 3-Д печатар и сакавме да го направиме поголем и да плука бетон“, вели Андерсен.

Според него, потребни се 48 часа за да се отпечатат ѕидовите, а осум дена за целата куќа.

„Ова е значително побрзо и 30% поевтино од градење куќа со стандардни методи, кога работниците сѐ прават рачно. Ние можеме да исфрлуваме бетон многу побрзо одошто тие редат цигли“, тврди Андерсен.