САМО 14% ОД РЕКИТЕ НА СВЕТОТ СЕ НЕДОПРЕНИ ОД ЧОВЕКОТ, А ЗА 50 ГОДИНИ ИСЧЕЗНАЛЕ 80 ВИДОВИ РИБИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Само 14% од реките на светот имаат популација на риби поштедена од сериозна штета што ја предизвикуваат човечките активности, вели најобемното истражување на оваа област досега. Познато е дека од 1970 исчезнале 80 видови риби, од кои 16 во изминатата година.

Научниците утврдиле дека биодиверзитетот на повеќе од половина од реките е длабоко погоден, при што големи риби се заменети со инвазивни видови. Најтешко погодени области се Западна Европа и Северна Америка, каде што живее големо и побогато население, па и влијанието врз реките е најсериозно, како Темза во Велика Британија и Мисисипи во САД.

Загадувањето, излевањето на канализациските води, браните, претераниот риболов и покачувањето на температурите како резултат на климатски промени се некои од факторите кои влијаеле врз намалувањето на бројот на слатководни риби.

Извештајот што заеднички го подготвија 16 конзерваторски групи опфати речиси 2.500 реки и вели дека бројот на преселните риби се намалил за три четвртини во изминатите 50 години, а на големите видови риби за дури 94%.

Реките и езерата покриваат само 1% од планетата, но нивните 17.000 видови риби претставуваат една четвртина од сите ‘рбетници. Најголемиот речен биодиверзитет е пронајден во Јужна Америка, но научниците утврдиле дека таму се наоѓаат само 6% од најнедопрените реки на светот.