Проектот беше толку таен, што мислев дека ќе завршам во трговија со луѓе, вели 24-годишната бугарска актерка Марија Бакалова, за која „Борат 2“ може да претставува голем пробив во Холивуд.
Неколку месеци по премиерата, Бакалова доби номинација за Златен глобус, прва за Бугарија досега, а се шушка и дека е кандидат за номинација за Оскар.
„Снимив неколку импровизирачки видеа со мојот телефон за аудицијата и ги испратив. Не знаев што ме очекува. Во следен момент, јас сум во Лондон на аудиција за Саша Барон Коен, за улогата на неговата 15-годишна ќерка Тутар во ‘Борат 2‘“, вели Бакалова во интервјуто за агенцијата АП.
Таа со голем интерес ќе го следи вечерашното доделување на Златни глобуси, каде што е номинирана за најдобра актерка во комедија/мјузикл, покрај Мишел Фајфер, Кејт Хадсон, Розамунд Пајк и Ања Тејлор-Џој.
„Тоа е друштво на кое неизмерно му се восхитувам. Ова е прва номинација за бугарски актер на запад. Тоа им носи надеж и сништа на сите актери од Бугарија и Источна Европа. Во овој дел од светот има навистина неверојатни актери“.
Иако сега живее во Лос Анџелес, Бакалова вели дека ќе се труди да биде силна балканска девојка за она што претстои.