АРГЕНТИНЦИТЕ НЕ МОЖАТ БЕЗ ТАНГОТО, НО И СВЕСНИ СЕ КАКВИ РИЗИЦИ НОСИ ВО КОВИД ПАНДЕМИЈАТА

Буенос Аирес, (ДПА)

За Аргентинците, тангото е многу повеќе од танц, тоа е начин на живот. Но, пандемијата го направи танцувањето доста ризично, што придонесе некои од нив да се откажат од омиленото хоби. По долгата пауза од речиси една година, тангото повторно заживува во Буенос Аирес.

За Флавио, тангото е повеќе од хоби и смета дека нема никаков ризик од неколку часа поминати во танц.

„Тангото ми дава сѐ што ми треба за моето здравје”, вели тој.

Омар Виола, пак, смета дека тангото е прашање на живот и смрт.

„Тангото вклучува прегратки, размена на нежности и моменти на интимност“, додава Омар.

До почетокот на епидемијата во март 2020, Виола бил раководител на еден од долгогодишните танго салони во Буенос Аирес. По зголемувањето на бројот на заболени, тој го затворил салонот, сметајќи дека мора да ги стави безбедноста и општествената одговорност на прво место.

Меѓутоа, не сите се согласуваат со него.

„Секој нека одлучи сам за тоа на каков ризик ќе се изложи. Можеби некоја постара жена повеќе сака да умре правејќи го тоа што го сака, отколку сама во својот стан. За многумина, тангото е средство за комуникација и излез од осаменоста”, вели Пабло Ечевери, организатор на танго салон на отворено, кој се смета себеси за водач на „танго отпорот”.