ЈАПОНСКИ МИЛИЈАРДЕР КАНИ ОСУМ ЛУЃЕ НА БЕСПЛАТНО ПАТУВАЊЕ ОКОЛУ МЕСЕЧИНАТА

Токио, (Би-Би-Си)

Јапонскиот милијардер Јусаку Маезава покани осум луѓе да му се придружат на патувањето околу Месечината со ракетата „СпејсЕкс“ на Илон Маск. Летот е планиран во 2023 година.

Маезева вели дека ќе го плати целото патување, па оние што ќе дојдат со него, ќе летаат бесплатно.

„Ве повикувам да ми се придружите на оваа мисија, осуммина од вас од сите страни на светот. Ги купив сите седишта, па ова ќе биде приватно патување“, вели Маезава во видео објавено на Твитер.

Тој првично сакал да покани само уметници, но се премислил, зашто „секој кој прави нешто креативно може да се смета за уметник“. Оние што се пријавуваат треба да исполнуваат два критериума: да прават нешто креативно со што им помагаат на други луѓе и на поширокото општество и да бидат подготвени да ги поддржуваат останатите патници кои делат слични аспирации.

Маезава, кој се збогати во модната индустрија, во 2018 година беше именуван за прв приватен патник околу Месечината, а сумата што ја плати за тоа никогаш не беше објавена, но Маск кажа дека станува збор за многу пари.