Долниот дом на мексиканскиот парламент усвои закон со кој ќе се дозволи целосна легализација на марихуаната во земјата. Финалното гласање ќе се случи во Сенатот и партијата на претседателот Андрес Мануел Лопес Обрадор е убедена дека ќе помине. Тоа ќе го направи Мексико еден од најголемите регулирани пазари на марихуана на светот.
Законот веќе беше изгласан во Сенатот во ноември, но беше вратен во долниот дом заради одредени измени. Тој ќе им дозволи на Мексиканците да поседуваат 28 грама и да одгледуваат најмногу осум стебла во домашни услови за лична употреба. Моментално, во Мексико е забрането да се поседуваат повеќе од пет грама.
„Овој закон ќе ѝ помогне на земјата да се справи со моќните картели на дрога“, изјави Лопес Обрадор.
Во Мексико со децении се води крвава војна против картелите, при што секоја година се убиваат илјадници луѓе.
Уругвај и Канада се единствените држави кои целосно ја имаат легализирано марихуаната.