„ЗОКИ ПОКИ“ ЌЕ СЕ ЕМИТУВА ВО ЦЕЛА СКАНДИНАВИЈА, НО ВТОРА СЕЗОНА НЕМА ДА СЕ СНИМА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

ТВ-серијата „Зоки Поки“ ќе се прикажува и во Финска и Данска, покрај најавите дека ќе оди на националните телевизии „СВТ“ во Шведска и „НРК“ во Норвешка, соопшти продукцијата „Кино Око“.

„Емитувањето на овие четири национални телевизии значи потенцијал за огромна гледаност на ‘Зоки Поки’. За македонската кинематографија, ова е успех од историско значење. ‘Зоки Поки’ е единствената македонска серија и воопшто програма од овие простори што се емитувала на јавните сервиси во овие четири земји“, велат од продукцијата.

И покрај големиот меѓународен успех на серијата, втората сезона е во неизвесност.

„За жал, овој голем успех не наидува на поддршка од институциите во Македонија, кои имаат обврска да финансираат детска и образовна програма, па затоа ʻЗоки Покиʼ нема да има продолжение. Ова е голема штета за нашите деца, кои се соживеаја со серијата и сакаат и натаму да уживаат во авантурите на Зоки Поки и неговата дружина“, вели продуцентот Роберт Насков.

Модерната екранизација на популарната детска книга на Оливера Николова е во продукција на „Кино Око“, во копродукција со Македонската радио-телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија. Режисери на епизодите се Марија Апчевска, Александар Поповски, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ, а сценариото го напишаа Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.