НОВИОТ ДОКУМЕНТАРЕЦ ЗА ТИНА ТАРНЕР Е НЕЈЗИНО ЗБОГУВАЊЕ СО ФАНОВИТЕ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Претстојниот документарец за животот на Тина Тарнер е нејзино збогување со фановите, вели нејзиниот сопруг Едвин Бах.

Филмот во два дела, што ќе има премиера овој викенд, ги следи подемот на Тарнер кон славата, насилниот брак со Ајк Тарнер и воскреснувањето како рок икона во 1980-ите. Иако престана да настапува во 2009, таа неодамна објави мемоари и лансираше мјузикл за нејзиниот живот.

Режисерот Ден Линдзи вели дека Тарнер го замислила документарецот едноставно насловен „Тина“ како нејзин последен збор.

„Ја ценам целата љубов кон мене, но јас завршив. Уморна сум, сакам да живеам пензионерски живот“, вели 81-годишната Тарнер во филмот.

Во првите 15 години од кариерата таа беше тесно поврзана со Ајк Тарнер, кој ѝ го промени името од Ана Меј Булок во Тина Тарнер. Во филмот, таа опишува како Ајк ја тепал пред да имаат секс и потоа ја терал да оди на сцена и да пее. Филмот открива дека Тарнер се обидела да се самоубие во 1976 година, пред да се разведе.

„Делови од филмот ќе ве натераат на солзи, особено кога му нуди прошка на Ајк“, пишува „Њујорк тајмс“.