ТАЛИН ЗАТВОРА ПРОМЕТНА УЛИЦА СЕКОЈА НОЌ ЗА ДА МОЖАТ ДА ПОМИНАТ ЖАБИ

Талин, (Ројтерс)

Прометна улица во главниот град на Естонија, Талин, се затвора секоја ноќ овој месец за да можат илјадници жаби безбедно да ја поминат на пат кон локацијата за размножување.

Волонтери вообичаено помагаат жабите да се пренесат преку патиштата во пролет и тие велат дека во изминатите години спасиле 97.000 единки, вклучувајќи 2.000 на улицата во Талин. Таквата помош сега изостана поради пандемијата на коронавирусот, па единственото решение за спас на жабите беше да се затворат патиштата.

„Жабите биле тука пред да се направи патот. Езерото каде што се размножуваат сега е на една страна од патот, а нивното зимско живеалиште на другата, па се принудени да го преминуваат и да се изложуваат на опасности“, изјави Кристел Сарм, волонтерка од Естонскиот национален фонд.

Загреаниот асфалт ги успорува жабите, па во еден момент може да ги има и 300 на патот.

„Размислуваме да изградиме тунел под патот за да можат жабите безбедно да поминат или да направиме езерце на страната каде што престојуваат во зима“, изјави заменик шефот на областа Хаберсти, Олег Сиљанов.