ВО ПЕТ ДРЕВНИ АЛЖИРСКИ ГРАДА НА РАБОТ НА САХАРА ТРАДИЦИЈАТА Е ПОВАЖНА ОД ПАРИТЕ, А ПАЛМИТЕ СЕ СВЕТИ ДРВЈА

Алжир, (Би-Би-Си)

Протегајќи се меѓу Мароко и Тунис, со поглед на Европа преку Средоземното Море, Алжир е најголемата нација во Африка и десетта најголема на светот. Нејзиниот огромен и разновиден пејзаж вклучува високи планини, жешки пустини и древни римски руини на површина од 2,4 милиони квадратни километри, што е десет пати поголемо од Велика Британија.

Сахара покрива околу четири петини од земјата и на северниот раб на пустината со векови опстојуваат пет утврдени града на долината М‘Заб. Колективно познати како Пентаполис, овие величествени цитадели биле изградени долж делумно суво речно корито, чии води се креваат еднаш на секои три до пет години. Најстариот од нив е Ел-Атеуф, изграден во 1012 година, а останатите се Мелика, Бунура, светиот град Бени-Исгуен и Гардаја, кој важи за главно живеалиште и комерцијален центар на долината. М‘Заб во 1982 година беше прогласен за светско наследство на УНЕСКО.

Петте града се изградени меѓу 11. и 14. век

Во овие градови денес живеат вкупно 360.000 луѓе, кои со сите сили се обидуваат да го зачуваат традиционалниот начин на живеење. Тие биле востановени од Мозабити, полуномадски народ со свој посебен јазик. Ги изградиле меѓу 11. и 14. век и сите се одликуваат со компактна мрежа на улици и камени куќи во облик на кутија.

Неверојатно е како нивното општество цутело во така негостољубива клима. Токму затоа овие луѓе толку ја ценат својата култура. Тие преживеале 1.000 години, иако имале мали шанси за тоа. За да преживееш во пустина, твојата сила треба да доаѓа од единството“, вели локалниот водич Калед Мегнин.

Локалната архитектура се карактеризира со камени куќи во облик на кутија

Локалните верски совети не дозволуваат градовите да се комерцијализираат.

Секаде низ светот, вакви места би биле преполни со сувенирници, но на овие луѓе им е поважно да живеат во мир и да се среќаваат со роднини, пријатели и комшии на плоштад. Тоа им е поважно од парите“, вели Мегнин.

Во долината има повеќе од 100.000 палми, кои имаат статус на свети дрвја и забрането е да се сечат ако се здрави.

Локалните верски совети не дозволуваат градовите да се комерцијализираат

Во М‘Заб е незамисливо да се убие палма. Тоа е непростлив грев исто како да се убие човек“, појасни Мегнин.

Со цел да се избегне масовен туризам, во долината има само 30-ина сместувачки капацитети, а во петте утврдени града може да се влезе само со водич, што важи и за домашните туристи. Притоа е забрането да се користат мобилни телефони и да се прават селфија.